Шабани пред мечот за титула во Тетово: „Не чека ‘жешка’ атмосфера, нијанси ќе го одлучат победникот!“

Еден од најдобрите фудбалери на Струга ТЛ, Буњамин Шабани, пред утрешната голема дерби-пресметка за титула против Шкендија во Тетово, вели дека, со оглед на важноста на мечот, победникот ќе го решаваат мали нијанси.

„Многу важен натпревар и за нас и за Шкендија. Меч за титула. Добро е за нашиот шампионат да има ваков дерби натпревар. Во пресрет на оваа средба атмосферата во нашиот тим е многу добра, работевме цела недела, доста добро го анализиравме противникот. Сите знаеме дека Шкендија има многу квалитетен тим, па се очекуваат нијанси да го одлучат победникот на ова дерби“ – вели Шабани, кој го одлучи претходното меѓусебно дерби за победа на неговиот тим од 2-1.

„Како фудбалери секогаш се трудиме да правиме добри работи за тимот. Така ќе биде и овој пат, без сомнение. Се надевам дека ќе го повторам мојот настап од минатото издание, и индивидуално и екипно. Ако го направиме тоа, тогаш со моите соиграчи верувам дека можеме да извлечеме позитивен резултат од овој натпревар“.

Ќе биде тоа вистински дерби натпревар во „жешка“ атмосфера…

„Да, ќе играме пред многу страсна публика и навивачи. Ова го знаеме сите, особено оние од нас кои претходно игравме за овој тим. Можам да кажам дека добро ја знаеме средината и атмосферата што се создава во Тетово, така што тоа нема да биде голем минус за нас како тим, бидејќи во модерниот фудбал теренот не игра толку голема улога, но филозофија на играта подготвена од екипите, физичка подготовка, но и подготвеност да се даде најдоброто. Ние како тим ветуваме дека ќе дадеме се од себе за да ја постигнеме целта“ – вели Шабани.

Се вчитува...