Шалев ќе го менува Трајковски во Кожув

Екипата на Кожув конечно договори засилување со потпис на домашен кошаркар, откако денеска го комплетираше трансферот на Мартин Шалев. Кожув остана без значаен адут откако Бојан Трајковски се пресели во редовите на Пелистер, а тренерот Јончевски потрагата по нов играч за борба во рекетот ја заврши со ангажманот на Шалев.

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија минатата сезона го носеше дресот на ФМП, а добрите игри за прволигашот од Кисела Вода го направија интересна опција за неколку екипи во домашниот шампионат. Од понудите што ги имаше на маса Шалев ја прифати онаа на Кожув, па следната сезона ќе ја мине во прволигашот од Гевгелија.

Се очекува младиот центар да биде прво од низата засилувања на Кожув, во чии редови ќе остане искусниот Караџовски, а нов договор му е понуден и на Пајиќ.

Се вчитува...