Шалке продолжува со катастрофалните резултати по паузата поради коронавирусот, откако тимот од Гелзенкирхен во четвртиот меч го претрпе четвртиот пораз, овојпат на домашен терен од Вердер со 0-1. „Сините“ против себе го имаа претпоследниот тим на табелата, но повторно не можеа да влезат во ритам, одиграа далеку под своите можности и поразот беше неизбежен.
Битенкур беше стрелец на победничкиот погодок за гостите од Бремен, со прекрасен удар од околу 25 метри матирајќи го домашниот голман по една почетнички загубена топка на домашните играчи на средината од теренот.
Херта влезе во победнички ритам во последните петнаесетина дена, тимот од Берлин славеше над Аугсбург со 2-0 за своја трета победа во изминатите четири бундеслигашки кола. Дилросун ја доведе Херта во водство, домаќините имаа многу среќа бидејќи Аугсбург во 89. минута ја погоди гредата, за Пјонтек во судиското продолжение да ги постави конечните 2-0 на овој натпревар.
Хофенхајм најпрвин не реализираше пенал, но сепак успеа да слави на гостувањето против Мајнц со 0-1, а до гостински три бода стигна и Ајнтрахт, триумфирајќи против Волфсбург со 1-2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА