Шалом Израел, ама дојдовме пак да ве победиме

ЕКИПА во Израел,

Никола Ѓуровски

Двата порази од фаворитите Полска и Австрија на домашен терен можеби ги вратија македонски фудбалери во реалноста, но тоа не значи и дека ја загубија самодовербата да одиграат најдобро што знаат до крајот на квалификациите за ЕП 2020. Петти предизвик е Израел, селекција со која имаме успех пред две години и тоа дава за повторување на сценариото и на вечерашниот дуел на стадионот „Тото Тарнер“ во Бер Шева.

Израелците имаат 7 бода по четири одиграни кола и секако заслужуваат респект, но Македонија има свои адути и верува дека може да се врати на победнички патеки. Дури и ако не игра од стартот капитенот Горан Пандев кого го мачи повредата на слабините. Но, има во ростерот на селекторот Игор Ангеловски квалитетни имиња кои можат да го изнесат на плеќи ова тешко гостување.

Еден од нив е Езгјан Алиоски, фудбалерот на Лидс Јунајтед, кој ќе игра на левата бековска позиција, ќе затвора во одбраната, но и при секоја можност ќе ја користи брзината за да изненади кон противничкиот шеснаесетник.

„Нема да биде лесно, Израел е квалитетна селекција, но ако одиграме мудро, многу подобро отколку на двата претходни натпревари во овие квалификации, веруваме дека можеме до триумф. Има квалитет во нашата репрезентација, а секој натпревар е ново докажување и можност да докажеме дека можеме подобро и повеќе во овој циклус. Дојдовме да победиме, сакаме три бода, но ќе биде навистина тешко да се дојде до нив“, вели Езгјан Алиоски.

Пред две години во Хаифа, капитенот Горан Пандев стрелаше за триумф од 0-1, сега дуелот ќе се игра во Бер Шева. Натпреварот се игра на стадионот „Тото Тарнер“, ново фудбалско здание изградено во 2015 година, дом на фудбалскиот клуб Хапоел Бер Шева, со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...