Шампионскиот тренер на ЛА лејкерс седнува на клупата на Феникс

Феникс санс конечно ќе ја финишира потрагата по нов тренер откако „сонцата“ изненадија со врачувањето на отказ на Монти Вилијамс, стратегот што беше избран за „тренер на годината“ минатата натпреварувачка сезона.

Изборот на управата на Феникс падна на тренер што знае како се освојува шампионска титула, па така тимот од Аризона од следната сезона на клупата ќе го има Френк Вогел. Станува збор за стратег што во 2020 година стана првак на НБА со тимот на ЛА Лејкерс, а една година подоцна доби отказ од „езерџиите“.

Вогел е тренер што инсистира на напорна работа во одбраната, нешто што им недостигаше на „сонцата“ во последните две години под водство на Вилијамс. Според американските медиуми, преговорите се во завршна фаза и Вогел во наредните 48 часа ќе стави потпис на петгодишниот договор вреден 31 милион долари.

Френк Вогел тренерската кариера ја почна како асистент во Бостон во 2001 година, потоа беше дел од стручниот штаб на Филаделфија и Индијана, за во 2011 година да ја има првата водечка улога во стручниот штаб на еден НБА-клуб, во Индијана пејсерс, тим со кој стигна до две конференциски финалиња. Потоа следеше двегодишен ангажман во Орландо, за во 2019 година да ги преземе ЛА Лејкерс и со овој тим да стигне до титулата. Наредната година „езерџиите“ беа поразени во првата рунда од плејофот, по што следеше одлуката за разделба од Вогел и именување на Дарвин Хем за нов предводник на овој тим.

Се вчитува...