Шанса за Елмас: Лајпциг го продава и Дани Олмо, раце трие и Динамо Загреб

Елиф Елмас во јануарскиот преоден рок се пресели од Наполи во Лајпциг, но македонскиот репрезентативец добива малку шанси за докажување на своите квалитети. Тоа би требало да се смени од наредната сезона, ако се знае дека Чаби Симонс дефинитивно се враќа назад во ПСЖ по истекот на позајмицата, а згора на тоа германскиот прволигаш се подготвува и за продажба на Дани Олмо.

Шпанскиот репрезентативец ги остави зад себе повредите што го мачеа подолго период, на последните натпревари игра во одлична форма, потсетувајќи ги клубовите кои претходно се интересираа за неговите услуги дека се уште е играч од највисока класа. Она што е најважно, од летово ќе почне да важи клаузулата според која Олмо може да си замине од Лајпциг за отштета од 60 милиони евра, сума што неколку заинтересирани клубови можат да ја платат.

Во преден план тука е Челси, интерес постои и од Манчестер Јунајтед, а во трката може да се вклучи и Барселона доколку каталонците најпрвин го продадат Рафиња (се шпекулира за трансфер вреден 100 милиони евра во Саудиска Арабија).

Целата ситуација будно ја следат и челниците на Динамо Загреб, ако се знае дека хрватскиот клуб добро ќе заработи од Олмо. „Модрите“ веќе добија 29 милиони од самиот трансфер во Лајпциг, но во договорот на клубовите има клаузула Динамо да добие дополнителни 20% од заработката на Лајпциг од следниот трансфер. Тоа би значело дека германскиот клуб ќе заработи 31 милион евра на Олмо, од кои 6,2 милиони евра ќе завршат на сметката на Динамо Загреб.

Се вчитува...