Шарапова не сака „вајлд-карта“ од Вимблдон

Марија Шарапова објави дека ќе игра квалификации за Вимблдон и дека нема да бара „вајлд-карта“ за главната ждрепка на престижниот турнир. Руската тенисерка е во центарот на вниманието по нејзиното враќање на тениските терени после 15 – месечната суспензија поради употреба на допинг.

Шарапова која по враќањето падна под 200.место на ВТА листата, на неколку турнири играше со специјална покана од организаторите, но тоа наиде на серија критики од другите тенисерки кои беа против таквиот третман на некогаш најдобрата тенисерка во светот.

„Со оглед на тоа дека после првите три турнири ми е поправен пласманот на ранг листата, ќе учествувам во квалификациите за Вимблдон и нема да барам „вајлд карта“ за настап“ –  објави шампионката на Вимблдон од 2004 година.

Шарапова претходно побара покана за Ролан Гарос, но организаторите го одбија нејзиното барање. Досега таа искористи три покани за настап на турнирите. На првиот настап во Штутгарт стигна до полуфиналето, во Мадрид загуби во второто коло. Потоа Русинката играше на Мастерс турнирот во Рим, но се повлече уште во второто коло поради повреда.

„Веќе сум на терапии поради повредата и ќе почнам со подготовките што е можно побрзо“ информираше Шарапова на својот официјален сајт.

Се вчитува...