Шаркоски: Победа ја чека тешка битка за опстанок, но знам дека ќе успееме

Прилепска Победа ја заврши втората фаза од зимските подготовки во Охрид, каде беа одиграни и пет пријателски натпревари. Прилепчани во пролетниот дел од шампионатот ги чека тешка битка за опстанок, но најдобриот стрелец во тимот Николче Шаркоски верува дека ќе се успее во зацртаните цели…

„Ќе биде тешка борбата за опстанок. Но јас верувам во нашите квалитети според кои нашите шанси во таа борба се големи. За нас секој натпревар практично ќе биде како да е бараж за опстанок. Секој освоен бод ќе биде дргагоцен во борбата за опстанок. Голема помош во тоа очекуваме од нашите најверни навивачи кои очекувам и напролет да не бодрат на сите натпревари како што не бодреа и минатата година како во Првата така и во Втората лига. А ние ќе им возвратиме со добри игри и најважно со опстанок во лигата“ – вели Шаркоски, кој со седум гола во есенската полусезона се издвои како еден од најдобрите поединци.

„Да, постигнав седум гола но тоа беше благодарение на целата екипа, на сите соиграчи. Еден играч не игра сам на теренот. Мене во преден план ми е опстанокот на Победа, а кој дава голови не е битно. Важно е што повеќе да се тресат противничките мрежи. Но сепак верувам во себе и своите можности дека ќе постигнам барем уште седум гола“ – истакнува Шаркоски и дополнува:

„Атмосферата во тимот е навистина добра и едвај чекаме до почне сезоната и натпреварите од пролетниот дел на Првата лига. Добро е за секој играч и за секој клуб да има конкуренција. Задоволни сме што има седум засилувања за тимот. Само така секој фудбалер ќе дава 100% како на тренинг така и на натпревар за да се наметне кај тренерот. Јас се чувствувам подготвен и на навивачите можам да им ветам сигурен опстанок. Ние фудбалерите ќе дадаме максимум и ќе гинеме на секој меч само за да опстанеме во Првата лига“.

Победа викендов ќе учествува на традиционалниот фудбалски турнир „Вуко Каров“ кој се одржува во Кавадарци, а на кој ќе учествуваат уште екипите на Борец од Велес и домаќинот Тиквеш. Се очекува уште потврда за учество и на екипа од Србија.

Се вчитува...