Заминувањето на Микел Хансен и потпишаниот договор со Алборг од 2022 година е јасен знак дека ситуацијата во ПСЖ не се одвива онака како што посакуваат навивачите на овој клуб. Катарските газди по преземањето на фудбалскиот гигант се решија за сериозна инвестиција и во ракометниот колектив, создавајќи дрим-тим што сепак не ги оправда очекувањата бидејќи не успеа да стигне до титулата во Лигата на Шампионите.
Француските медиуми тврдат дека заминувањето на Хансен не е никакво изненадување и дел од планот на управата, која е решена да го намали буџетот на ракометниот клуб. „Светците“ досега располагаа со 18 милиони евра годишно, а оваа сума од сезоната 2022/23 ќе биде намалена за една третина, па буџетот на ПСЖ ќе изнесува 12 милиони евра.
Се уште станува збор за еден од најголемите буџети во ракометна Европа, но се најавува низ годините тој дополнително да се намалува, како што ќе се намалува и интересот на „шеиците“ за инвестирањето во ракометниот спорт.
Само за потсетување, редовите на ПСЖ лани ги напушти најдобриот светски ракометар Сандер Сагосен, една година претходно од овој клуб си замина и германскиот ас Уве Генсхајмер, а „светците“ останаа и без двете француски легенди, Омејер и Нарсис, кои ги завршија кариерите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА