Шешко донесе одлука – се сели во нов клуб, но тоа не е Манчестер Јунајтед

Манчестер Јунајтед остана без уште едно посакувано засилување откако Бенџамин Шешко ја одби одлуката на „црвените ѓаволи“. Овој 19-годишен голгетер блеска во дресот на Салцбург и веќе го привлече вниманието на неколку европски гиганти, но Шешко се реши за поинаков пат во кариерата.

Имено, тој ја прифати понудата за преселба во Лајпциг, но трансферот ќе биде реализиран во јули 2023 година. Со тоа, словенечкиот напаѓач ќе остане уште една година да се развива во Салцбург, по што ќе се пресели во Бундес-лигата, во клубот што има исти газди како и австрискиот шампион. На ваков чекор пред нецели две години се реши и Доминик Собослаи, а Шешко верува дека токму преселбата во Лајпциг е најдобра одлука за натамошниот дел од кариерата.

Германскиот клуб ќе го комплетира камбекот на Тимо Вернер од Челси, но се очекува следното лето да биде продаден Нкунку (во новиот договор има клаузула за заминување за 70 милиони евра), со што Лајпциг ќе отвори место во нападот за младиот Словенец.

Се вчитува...