Шеста победа во низа за Војдан и Олденбург

Војдан Стојановски и Олденбург продолжуваат со извонредната серија во Бундес-лигата, откако македонскиот капитен вечерва славеше на гостувањето против Вурцбург со убедливи 78-88.

Нашиот интернационалец се соочи со проблеми со личните грешки, откако арбитрите веќе на самиот старт од третиот период му досудија четврти фаул. Стојановски затоа одигра само 12 минути, период во кој реализираше скромни 4 поени (2/4 за два поени), надополнети со еден скок.

Олденбург мечот го доби со фуриозна игра во последните три минути, кога од „егал“ завршница тимот на Војдан стигна до двоцифрена победа. Ова беше шеста победа во низа за Војдан и Олденбург, со што оваа екипа со скор од десет победи и два порази се наоѓа на делба на второто место со Алба Берлин, зад лидерот Баерн Минхен.

Се вчитува...