Шиков: Работнички може многу подобро и треба тоа да го покаже

Работнички добро ја почна пролетта, но потоа стави „во лер“, со две ремија во низа. „Романтичарите“ одиграа 1-1 на гостувањето против Шкупи и ремизираа без голови против Ренова на „Телеком Арена“. Репрезентативецот Ванче Шиков, кој зимава го засили Работнички, вели дека тимот може многу подобро, и дека тоа треба да го покаже на наредните мечеви од шампионатот.

„Работнички има квалитет и капацитет за многу подобри игри. Сите веруваме во тоа, треба да го пронајдеме посакуваниот ритам и да им се вратиме на победите. Нешто ни недостигаше на изминатите два меча, против Шкупи и против Ренова, некои мали ситни детали поради кои не успеавме да стигнеме до триумф. Но, верувам дека во продолжението од првенството ќе се наместат коцките и дека ќе се вратиме на победничкиот колосек“, вели искусниот дефанзивец, Ванче Шиков, за официјалниот сајт на клубот.

Работнички в недела ќе му гостува на Пелистер, на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.

„Тоа е многу важен натпревар за нас, што се вели „меч за шест бода“, со директен конкурент за излез на европската сцена. Но, не смееме да влеземе во него како да е и решавачки, и по него завршува првенството. Треба да го задржиме мирот и да подобриме неколку аспекти во играта, според насоките на тренерот Виктор Треневски, по што верувам дека можеме да извлечеме поволен резултат“, истакнува Ванче Шиков.

Се вчитува...