Ширер бара заштита: Зарем треба да се појави навивач со нож за да се реагира?

Легендарниот англиски голгетер Алан Ширер побара од властите да реагираат и да ги спречат зачестените инциденти на фудбалските терени. Вчера во рок од неколку часа најпрвин навивач на Бирмингем го удри на терен фудбалерот на Астон Вила, Џек Грилиш, за потоа на дербито меѓу Арсенал и Манчестер Јунајтед еден фан на домаќините да влета на теренот и да го турне Крис Смолинг.

„Она што го видовме беше гнасно. Ако не му ставиме крај веднаш, ќе биде уште полошо. Следниот пат може да се појави навивач со нож, зарем треба да се чека да се случи такво нешто за да се реагира. Навистина е  толку многу сериозно“ – истакна Ширер.

Тој им порача на фудбалските власти дека единствен начин да се испрати гласна порака е ригорозна казна за Бирмингем.

„Како да се реши, секако со казна… Оние кои го водат фудбалот мора да бидат жестоки кон Бирмингем. Ако тоа значи играње пред празен стадиум, дури и одземање бодови… нека биде, бидејќи ниедна казна нема да биде доволно ригорозна за она што го видовме и од кое сите останавме шокирани. Мора веднаш да се испрати порака – дека таканаречените навивачи ќе бидат казнети, но исто така и нивниот клуб. Имаме реален проблем што мора да се реши веднаш, пред ситуацијата да биде уште полоша“ – порачува Ширер.

Се вчитува...