Широки Бријег преку Спарс до полуфинале со МЗТ Скопје

Широки Бријег ќе му биде противник на МЗТ Скопје во полуфиналето од АБА2 лигата откако во четвртфиналната средба против Спарс славеше со 85-81. „Коцкестите“ рано стигнаа до двоцифрена предност која умешно ја користеа, одолеаја на налетот на противникот во третата четвртина и на крајот на мечот па се пласираа помеѓу најдобрите четири тима во првенството.

Широки Бријег текот на мечот го најави уште по првата четвртина во која стигна до предност од 26-16, а одличната игра продолжи и до крајот полувремето до кое предноста се искачи на +11 (42-31). Сепак тимот од главниот град на БиХ не се предаде, одигра одлична трета четвртина која ја доби со 19-24, во еден момент имаше и изедначување, но повторно потфрли во последната четвртина за двоцифрена негатива, па и покрај тоа што на крајот на мечот успеа да се врати на „една топка“, не успеа да направи сензација.

Трагичарот на Спарс беше Марко Рамљак кој на 10. секунди пред крајот имаше отворен обид за три поени, но наместо изедначување направи „бунар“ со што завршија дилемите за победник.

Лука Божиќ со 31 поен, 7 скока и 5 асистенции беше лидер на Широки, додека него го следеше Билинковац со 25 поени и 5 скока. Врбица со 16 поени и 6 асистнеции беше прво име кај Спарс.

Се вчитува...