Шишкарев: Не е лесно да се напушти Вардар, но …

Данил Шишкарев е еден од играчите со најдолг „стаж“ во Вардар, но и десното крило на руската репрезентација веќе почна да си ги пакува куферите, договарајќи го летниот трансфер во Веспрем. Тој не го крие разочарувањето што ќе си замине од Македонија, а како причина за промената на клупските бои ја наведува неизвесноста за иднината на Вардар.

„Не ми беше лесно да ја донесам одлуката да го напуштам Вардар, јас и моето семејство сме приврзани за Македонија, Скопје, за Вардар. Но, од друга страна, немаше никаква конкретна информација околу иднината на клубот, а во една таква ситуација беше тешко да се одбие понудата на Веспрем. Се наоѓав во тешка ситуација, добив понуди и од други клубови, но мислам дека Веспрем е вистинскиот тим за мене почнувајќи од следната сезона“, изјави Шишкарев за руските медиуми.

Финансиската криза во таборот на „црвено-црните“ се повеќе се продлабочува секој нареден месец, на проблемите неодамна се пожали и Тимур Дибиров, а се поизвесно е дека Сергеј Самсоненко на крајот од сезонава ќе се повлече од раководењето со овој клуб.

Се вчитува...