ШК АЛКАЛОИД на Европскиот клупски куп 2018 – Трета година по ред во ист состав

Шаховскиот клуб АЛКАЛОИД, продолжува со настапите на Европскиот клупски куп, кој оваа година се одржува од 11. до 18.октомври во Порто Карас, Грција.

Во 2016 година ШК Алкалоид го освои Европскиот клупски куп и ја понесе титулата европски шампион! Турнирот се одржа 06-12.11.2016 во Нови Сад, Србија. ШК Алкалоид ја освои титулата со 12 бодови во седум мечеви (пет победи и два нерешени меча, без пораз!). Европското клупско злато е освоено во годината кога клубот одбележа 40 години од своето формирање.

Во 2017 година ШК Алкалоид продолжи со успешен настап на ЕКК и во Анталија, Турција 07-15.10.2017 година, го освои второто место, вице-шампионската позиција. Исклучителен екипен резултат со освоени 11 бода (пет победи, еден нерешен меч и еден пораз). Успехот беше уште поголем имајќи предвид дека беше комплетиран со четири златни и еден сребрен медал за индивидуални резултати по табли: Динг Лирен сребро на прва табла, Дмитри Андрејкин злато на трета, Ју Јангжи злато на четврта, Дмитри Јаковенко злато на петта и Јури Криворучко – злато на шестта табла.

Во 2018 година боите на клубот продолжуваат да ги бранат стандардните  шест врвни светски велемајстори од Кина, Русија и Украина, заедно со двајцата најдобри македонски играчи: Динг Лирен, Ју Јангжи, Дмитриј Јаковенко, Дмитриј Андрејкин, Павел Елјанов и Јури Криворучко, Трајко Недев и Филип Панчевски. Капитен на екипата е Драгољуб Јаќимовиќ.  Со тоа на одличен начин продолжува да се негува тимскиот дух на екипата, кој се покажува како исклучително значаен фактор во успешните настапи претходните години. Редоследот на играчите е според моменталниот рејтинг, а конкретниот распоред по табли официјално се објавува на самиот почеток на натпреварите.

Вообичаено, конкуренцијата е многу силна: Одлар Јурду – Азербејџан (минатата година освоија бронзен медал) АВЕ Нови Бор – Чешка, Медни Всадник – Санкт Петербург.  За одбележување е учеството на светскиот шампион, норвешката спортска звезда Велемајсторот Магнус Карлсен – во составот на норвешка Валеренга.

Се вчитува...