ШК Алкалоид со убедлива победа во дербито на почетокот на екипниот шампионат на Македонија

Почетокот на 31. издание од Екипниот Шампионат на Македонија во шах за 2023 година донесе возбудлива ситуација, во која, по извлекувањето на стартните броеви, во првото коло се случи дуел на двете екипи кои минативе години се наметнаа како кандидати за највисок пласман (Алкалоид и Гамбит Ассеко Сее).

Турнирот се игра во хотел „Метропол“ во Охрид, а предвидени се седум кола. За ШК Алкалоид во овој меч на првата табла настапи ВМ Нодирбек Јакубоев (2630 рејтинг-поени) од Узбекистан, а на втората табла играше ВМ Александар Инѓиќ (2601) од Србија, во согласност со правилата кои дозволуваат по два странски играчи во ростерот на тимот. Наспроти нив беа велемајсторите Милош Перуновиќ (2540) и Петар Арнаудов (2438), додека, пак, на другите четири табли се играа дуели на македонските шахисти.

Играчите на ШК Алкалоид прејдоа во водство некаде по два часа игра, кога се комплетираа партиите на првите три табли, при што Јакубоев ремизираше, Инѓиќ со црни фигури го надигра Арнаудов, а ВМ Трајко Недев (2465) го подели поенот со ВМ Владимир Георгиев (2421). Резултатот и натаму беше неизвесен, и покрај ваквото водство, бидејќи се играа уште три партии, а во тие моменти се чинеше дека ИМ Филип Панчевски (2452) е минимално послаб во партијата со ИМ Никола Николовски (2361), исто како и ВМ Звонко Станојоски против ФМ Андреј Велјаноски (2305). Следуваше победата на ИМ Тони Лазов (2356) на шестата табла, како потврда дека тој успеал да ја реализира позиционата предност во мечот со Антон Златков (2239), со што ШК Алкалоид поведе со 3 : 1. Пред крај на временската контрола (играчите имаат по 90 минути за првите 40 потези, плус 30 секунди додавање за секој одигран потег) стана видливо дека и Станојоски стекнува надмоќна позиција, по што следуваше и третата победа, додека, пак, Панчевски рутинирано ремизираше, со што шахистите на ШК Алкалоид не загубија ниту една партија и уверливо дојдоа до значајна победа од 4,5 : 1,5.

Минатогодишните вицешампиони ШК Прилеп со 4 : 2 го совладаа новиот член во елитното друштво, ШК Шкупи од Скопје, додека, пак, ГШК Куманово 1 ја имаше најубедливата победа на денот со 5 : 1 над ШК Ан Пасан од Шипковица. И вториот новак, ШК Пелагон, на почетокот беше поразен од ШК Гостивар со 4 : 2, при што на првите четири табли се ремизираше, но гостиварци го добија дуелот со триумф на последните две табли.

Во второто коло ШК Алкалоид ќе се сретне со ГШК Куманово 1, а во третото коло со ШК Прилеп.

На женскиот турнир, исто така, се одиграа партиите од првото коло, а ШК Алкалоид забележа максимална победа од 4 : 0 над Гостивар. На првите две табли за скопскиот клуб играа грузиските шахистки ВМ Бела Котенашвили (2475) и ИМ Лела Јавакишвили (2441), кои издоминираа и не им дозволија на противничките (Патрицие Најманова и Матеја Поповиќ) да развијат контраигра, па победата се насетуваше. Подеднакво моќен настап имаа и ЖФМ Весна Секуловска и Леа Ефтовска, кои се соочија со отпор од младите гостиварски шахистки Тамара Јовановска и Оливера Николовска, но дочекаа нивни грешки, кои соодветно ги казнија и ги претворија во победи.

Во оваа конкуренција се очекува неизвесноста на турнирот да биде присутна до крајот, бидејќи во 5. коло дамите од ШК Алкалоид ќе играат против Гамбит Ассеко Сее, а во 7. коло против МШК Центар.

Се вчитува...