Шкендија бара рехабилитација за поразот во Велес, Работнички оди да се надигрува

Актуелниот првак Шкендија доби лекција од Борец во минатото коло дека бодовите сами не доаѓаат кај условно „подобриот“ туку треба да се изборат на теренот. Тренерот Ернест Ѓока не беше задоволен од изданието на тимот и побара да се смени комплетно односот. Поправен испит тетовскиот тим ќе има на денешниот дуел против Работнички.

„Романтичарите“ одлично ја отворија пролетта, имаат три победи и едно реми во четирите првенствени меча, но се уште се при дното на табелата. Тренерот Ратко Достаниќ се надева дека Работнички може да одигра квалитетно и на гостувањето во Тетово.

„Одиме да се надигруваме со Шкендија. Знаеме дека домаќинот е силен ривал, но и дека не е непобедлив. Игравме добро во Купот, но бевме елиминирани, нема да се штедиме во Тетово, за нас секој освоен бод е многу значаен“, вели шефот на стручниот штаб на Работнички.

Вардар исто така бара рехабилитација за поразот од Ренова во минатото коло. За среќа, ја задржа предноста во однос на Шкендија на осум бода.

Академија Пандев сака да ја прекине негативната серија, а на гости му доаѓа Ренова која одлично игра во пролетниот дел од сезоната. Шкупи го пречекува Силекс, додека Македонија ЃП во Ѓорче Петров ќе биде домаќин на Борец.

ПРВА ЛИГА – 23. КОЛО (денеска, 14 ч.)

Скопје: ВАРДАР – СТРУГА ТЛ

Струмица: АК. ПАНДЕВ – РЕНОВА

Тетово: ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ

Скопје: ШКУПИ – СИЛЕКС

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – БОРЕЦ

Се вчитува...