Шкендија го искористи „киксот“ на Вардар, Пандевци ја декласираа Беласица

Актуелниот првак Шкендија ја намали негативата во однос на Вардар на само два бода, откако денеска во Тетово очекувано ја совлада Македонија ЃП со 5-1. Истовремено, го искористи ремито без голови на Вардар против Ренова.

Силекс го победи Работнички со 2-0, Академија Пандев беше убедлива во струмичката пресметка со Беласица и славеше со 3-0, а и Победа оствари триумф против Шкупи (2-0).

Шкендија долго се мачеше да го отвори резултатот, а тоа прво му успеа на Висар Муслиу во 42.минута. Пред самиот истек на првиот дел, Бесарт Ибраими зголеми и на 2-0.

„Лавовите“ од 52.минута играа со играч помалку поради исклучувањето на Филиповски, но, сепак, Христијан Кировски го намали резултатот на 2-1. Сепак, Бесрт Ибраими со својот втор гол во 72.минута ги разреши дилемите, а Валмир Нафиу го постави конечниот епилог со два гола во самиот финиш .

Вардар не успеа да стигне до триумф против Ренова на стадионот „Борис Трајковски“. Тимот на Александар Васоски имаше повеќе од играта, но едноставно немаше напаѓач кој ќе ја затресе мрежата. Во отсуство на Барсегјан, се покажа дека Лира не е доволен, а ниту определбата Брдаровски да игра во офанзивниот дел.

Силекс со 2-0 го совлада Работнички, кој сега го предводи поранешниот стратег на кратовци, Жикица Тасевски. Луис Парфаит во 40.минута постигна погодок со удар од 20 метри, а во 82.минута Бобан Георгиев ги собра аплаузите, откако стрелаше со петица, по центаршутот од левата страна. Работнички уште во првото полувреме остана со играч помалку поради исклуќувањето на Владимир Димитровски, кој заработи два жолти картони.

Академија Пандев ја декласира Беласица во Турново со 3-0. Љупчо Дориев уште во втората минута донесе водство, а Марио Крстовски го удвои во 28.минута. Во вториот дел и Даниел Миловановиќ се запиша меѓу стрелците за убедлива победа на „пандевци“.

Победа славеше против Шкупи во Битола со 2-0. Чиназорм во 38.минута обезбеди почетна предност за прилепскиот прволигаш, а Ѓорѓи Танушев во 68.минута ги потврди трите бода, за прекин на ’црната низа’ на Победа.

ПРВА ЛИГА, 11.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ВАРДАР – РЕНОВА 0-0

ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА ЃП 5-1

СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ 2-0

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – БЕЛАСИЦА 3-0

ПОБЕДА – ШКУПИ 2-0

Табела: Вардар 24, Шкендија 22, Академија Пандев 19, Победа 14, Работнички 14, Македонија ЃП 13, Беласица 13, Ренова 12, Силекс 10, Шкупи 9.

Се вчитува...