Шкендија го „изгоре“ Пелистер, Вардар се спаси од срам, Работнички е друг со Ѓоре

Шкендија го растури Пелистер во првенствената пресметка со 0-6 под „Тумбе кафе“ и му наби страв во коски во пресрет на финалето на Купот на Македонија што ќе го играат овие два клуба. Вардар едвај спаси бод против Шкупи во последен час (1-1), а Работнички ја забележа и втората победа (0-1) под водство на Ѓоре Јовановски, совладувајќи го Скопје.

Ренова со 2-1 ја доби Победа во Тетово.

Шкендија немаше милост за Пелистер и го декласира среде Битола. Бојку во 29.минута го постигна првиот гол, а до полувреме веќе беше 0-3. Фазлагиќ и Бејтулаи стрелаа во финишот на првиот дел. Голеадата продолжи во второто полувреме со головите на Жуниор (57), Алими (62.) и Радески (64.).

Вардар во последните моменти од мечот избегна пораз од Шкупи (1-1). Евгениј Новак во четвртата минута од судиското продолжение постигна израмнувачки погодок, откако Имери во 31.минута го доведе гостинот од Чаир во водство.

Работнички стигна до втор триумф под палката на Ѓоре Јовановски. „Романтичарите“ ја освоија „Железарница“ и му го нанесоа првиот пораз на Скопје во пролетниот дел од првенството, победувајќи со 0-1. Стрелец на победничкиот гол беше Стојанчо Велинов во 81.минута, откако претходно се избори за пенал за својот тим. Стјепановиќ од белата точка шутираше во дирекот, но топката се одби до Велинов, кој погоди на вистинското место со удар со глава.

Ренова со 2-1 го совлада тимот на Победа. Лукас беше двоен стрелец за „гипсарите“, а Даноски погоди за прилепскиот прволигаш.

Силекс и Академија Пандев ремизираа без голови во првиот меч од ова коло.

 

ПРВА ЛИГА – 27.КОЛО

ВАРДАР – ШКУПИ 1-1

ПЕЛИСТЕР – ШКЕНДИЈА 0-6

СКОПЈЕ – РАБОТНИЧКИ 0-1

РЕНОВА – ПОБЕДА 2-1

СИЛЕКС – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 0-0

Табела: Шкендија 69, Вардар 49, Силекс 41, Работнички 35, Академија Пандев 32, Ренова 31, Шкупи 30 (-1), Победа 25, Пелистер 24 (-1), Скопје 24.

Се вчитува...