Шкендија го купува триото на Вардар!

Шкендија има пет бода предност во однос на Вардар на врвот на табелата, а тетовскиот удар планира решавачкиот удар во битката за титулата да го нанесе во текот на зимската пауза – ангажирајќи во своите редови тројца фудбалери од таборот на актуелниот вицешампион. Станува збор за Тигран Барсегјан, Евгениј Новак и Кларенс Битанг, кои се наоѓаат на листата со желби на тренерот Османи и кои според последните информации веќе до крајот на годинава би можеле да се преселат од Скопје во Тетови.

Причините се добро познати, огромните финансиски проблеми со кои се соочува Вардар. Управата не успева да најде решение, па на „црвено-црните“ им се случува најлошото можно сценарио, оние квалитетни играчи кои би можеле да бидат продадени ќе си заминат со раскини на договорите на штета на клубот, поради долгот за неисплатени плати.

Тоа е причината поради која Барсегјан подолго време е надвор од тимот. ЕКИПА уште во текот на летото го најави трансферот на Ерменецот во Шкендија, „вардарци“ тогаш во последен момент успеаја да го задржат напаѓачот во своите редови, но откако не ја консолидираа финансиската состојба во клубот сега се немоќни да го задржат тој како слободен играч да не се пресели во таборот на големиот ривал. Шкендија од пред извесно време почна да покажува сериозен интерес и за дефанзивецот Новак, со кого разговорите наводно се наоѓаат во завршна фаза, а со доведувањето на Битанг и дефинитивно би бил комплетиран ростерот за вториот дел од сезоната, воедно и сериозно би се ослабнал директниот ривал за висок пласман.

Се вчитува...