Шкендија и Работнички во Тетово ќе лечат рани

Шкендија загуби на Чаир од Шкупи и сега ’наострена’ го пречекува Работнички во Тетово. Лидерот има комфорна предност, но Ќатип Османи сигурно ќе бара од фудбалерите брзо да се вратат на победнички колосек. Во тимот се враќаат капитенот Арменд Алими и десниот бек Мевљан Мурати, а ќе недостига единствено Бесмир Бојку. Подолг период отсутни се повредените Бесарт Ибраими и Марјан Радески, кој веќе работи со максимален интензитет.

Работнички доаѓа во Тетово по поразот од Академија Пандев на домашен терен. „Романтичарите“ имаат само една победа оваа пролет, па тренерот Жикица Тасевски побара од избраниците да имаат малку поинаков пристап, веќе од денешниот дуел со Шкендија.

„Ги увидовме грешките, работевме на нивно елиминирање и се надевам дека тимот ќе се претстави во многу подобро издание. Со еден поинаков пристап, со поголема желба, максимално залагање и пред се задржување на концентрацијата во текот на целиот натпревар, треба да дојдат и посакуваните резултати. Не стартувавме оваа пролет според посакувањата и ќе мора да се подобриме во сите сегменти. Шкендија е актуелен првак и лидер на табелата и сигурно е фаворит на домашен терен, но ние веруваме дека можеме да одиграме добар натпревар и да стигнеме до позитивен резултат“, вели Жикица Тасевски, тренерот на Работнички.

Поради жолти картони во составот на Работнички ќе го нема капитенот Баже Илијоски.

Академија Пандев на домашен терен ќе го пречека Силекс и посакува продолжување на убавата серија. Победа во Охрид ќе биде домаќин на Ренова, а Вардар ќе има пресметка против Шкупи на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари. Сите натпревари од 23.коло се играат денеска, со почеток во 14.30 часот.

Се вчитува...