Шкендија и Вардар со многу мака ги победија Работнички и Шкупи

Актуелниот лидер Шкендија се врати во победнички ритам, совладувајќи го Работнички во Тетово со 1-0. Стенио Жуниор во 53.минута постигна гол за триумф на составот на Ќатип Османи. „Романтичарите“ негодуваа, затоа што пред голот Милован Петровиќ лежеше повреден на теренот, а судијата Мечкаровски не ја прекина играта. Предноста на Шкендија во однос на Вардар и на Академија Пандев и понатаму останува осум бода.

Вардар го совлада Шкупи со 1-0 на стадионот „Борис Трајковски“ и го прекина победничкиот чекор на тимот од Чаир. Дарко Мицевски од пенал беше стрелец на голот вреден три бода во 20.минута од мечот.

Академија Пандев со 2-0 славеше против Силекс во Струмица. Двоен стрелец беше Љупчо Дориев, а двапати реализираше од белата точка, во 22. и во 55.минута. Првиот пат во шеснаесетникот на гостите беше соборен Ѓорѓи Стоилов, а вториот пат Марио Крстовски.

Македонија ЃП освои три значајни бода со триумфот против Беласица (2-1) на домашен терен. Дејан Тантуровски во десеттата минута го постигна водечкиот гол за „лавовите“ на овој меч. Во вториот дел, Боби Божиновски го запечати триумфот со удар со глава во 76.минута. Пепи Георгиев постигна почесен погодок за Беласица во 84.минута.

На дуелот меѓу Победа и Ренова беа постигнати најмногу голови (2-3). Бурхан Мустафов со два гола донесе водство за Ренова од 0-2, двоен стрелец за Победа беше Ѓорѓи Танушев, но „гипсарите“ славеа затоа што и Влатко Стојановски погоди од белата точка во 57.минута.

ПРВА ЛИГА, 23.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ВАРДАР – ШКУПИ 1-0

ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ 1-0

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – СИЛЕКС 2-0

МАКЕДОНИЈА ЃП – БЕЛАСИЦА 2-1

ПОБЕДА – РЕНОВА 2-3

ТАБЕЛА: Шкендија 50, Академија Пандев 42, Вардар 42, Шкупи 33, Работнички 31, Ренова 30, Македонија ЃП 26, Силекс 24, Беласица 19, Победа 18.

Се вчитува...