Шкендија изненадена од Академија Пандев, Вардар и Работнички сигурни

Заврши победничката низа на актуелниот првак Шкендија. Во Тетово, тимот на Ќатип Османи загуби од Академија Пандев со 0-1. Вардар тоа го искористи и повторно се доближи на само три бода негатива, совладувајќи ја на домашен терен Победа со 3-0.

Работнички победува трет меч во низа. „Романтичарите“ ја добија Беласица во Струмица со 1-2. Со реми, идентично 1-1, завршија дуелите Шкупи – Ренова и Македонија ЃП – Силекс.

Шкендија не успеа да го одржи победничкиот чекор до крајот на есента. Марио Крстовски со голот во 26.минута донесе голем триумф за Академија Пандев во Тетово.

Вардар славеше против Победа со 3-0. Владица Брдаровски со одличен погодок го отвори резултатот во 29.минута, а во вториот дел погодија и Јован Попзлатанов и Бесар Исени.

Работнички оствари значаен триумф на стадионот „Младост“, победувајќи ја Беласица со 1-2. Себастијан Херера во четвртата минута му донесе предност на Работнички, Филип

Петковски со удар со глава зголеми на 0-2 во 37.минута, а струмичани постигнаа почесен погодок во самиот финиш преку Ирфан Вусљанин.

Шкупи и Ренова ремизираа на Чаир (1-1). Велија донесе предност за гостите, а Кристијан Стојкоски не дозволи пораз на Шкупи.

Македонија ЃП и Силекс исто така ги поделија бодовите (1-1). Робсон да Силва во 11.минута постигна гол за водство на „лавовите“, а Филип Дурански израмни во 61.минута.

ПРВА ЛИГА 17.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ШКЕНДИЈА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 0-1

ВАРДАР – ПОБЕДА 3-0

БЕЛАСИЦА – РАБОТНИЧКИ 1-2

ШКУПИ – РЕНОВА 1-1

МАКЕДОНИЈА ЃП – СИЛЕКС 1-1

Табела: Шкендија 37, Вардар 34, Академија Пандев 29, Работнички 26, Ренова 21, Шкупи 20, Македонија ЃП 18, Победа 17, Беласица 17, Силекс 15.

Се вчитува...