Шкендија на тежок испит во Чаир: Шкупи бара крај на серијата од шест едноподруго порази

По одличниот старт на пролетниот дел од сезоната, Шкупи дефинитивно е решен да го добие и „скалпот“ на лидерот Шкендија денеска од 14 часот во 22. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Тимот на Умит Каран е во одлична серија, а за овој натпревар на располагање ќе го има и Бесар Исени, кој се опорави од повредата. Интересно, Шкупи има само порази во последните шест дуели со тетовци па, без сомнение, силна е желбата се прекин на таа серија.

„Среќен сум што ја надминав брзо повредата и неколку дена тренирам со тимот. Се надевам дека ќе ја добијам довербата од тренерот и подготвен сум за предизвикот. Имам големи емоции пред мојот настап, посебно пред „Шверцерите“. Шкупи од недела во недела игра се подобро и се надевам дека денеска заедно со навивачите можеме да извлечеме поволен резултат против Шкендија“ – вели Бесар Исени.

Во составот на Шкендија, пак, ќе го ни нема капитенот Арменд Алими и десниот бек Мевљан Мурати поради жолти картони. Сепак, желбата е да се освојат нови три бода, со оглед дека шефот на стручниот штаб Ќатип Османи има на располагање навистина квалитетен ростер.

„Мислам дека влегуваме во посакуваната форма. Не е можно целото првенство да се одигра во ист стил. Некогаш имаме и криза, но верувам дека го пронајдовме моментот и дека сега ќе продолжиме во победнички стил. Шкупи е квалитетен состав, ги респектираме максимално, но и очекуваме триумф. Ќе биде тоа навистина тежок натпревар и за двата тима“ – вели офанзивецот на Шкендија, Изаир Емини.

ПМФЛ – 22. КОЛО (денеска, 14 ч.)
Струмица: БЕЛАСИЦА – ВАРДАР
Скопје: РАБОТНИЧКИ – АК. ПАНДЕВ
Тетово: РЕНОВА – МАКЕДОНИЈА ЃП
Кратово: СИЛЕКС – ПОБЕДА
Скопје: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА

Се вчитува...