Шкендија не сака да плати на Вардар: ФФМ не дозволува регистрација на Јакуп Бериша

Засилувајќи го тимот за продолжението од сезоната, но размислувајќи и за иднината Шкендија како едно од своите засилувања во зимскиот преоден рок го промовираше и досегашниот фудбалер на Вардар, 18-годишниот Јакуп Бериша.

Еден од најголемите македонски таленти, офанзивниот играч за врска, го стави својот потпис на првиот професионален договор со Шкендија, по што беше дел и од подготовките на тимот во Анталија. Но, Фудбалската федерација на Македонија не дозволи негова регистрација за новиот тим поради некомплетна документација.

Од страна на Комисијата за регистрација и верификација при ФФМ, Шкендија била известена дека мора по член 35/7 да уплатат и средства до ФК Вардар по основ надомест за премин согласно прописите на ФФМ. Сепак, тетовци сметаат, согласно искуството од одлуки на ФФМ за слични случаи од минатото кога биле регистрирани фудбалери со дотогашен аматерски статус без надомест за претходниот клуб, дека не мора да платат на ФК Вардар. Поради тоа за случајот одлучувал и Комитетот за итност на ФФМ кој ја потврдил одлуката на Комисијата за регистрација дека Шкендија не може да го регистрира Јакуп Бериша без да плати на Вардар.

За лидерот во домашниот шампионат сега останува исплата на, во секој случај, симболична сума по основ надомест за премин за Јакуп Бериша па до 15. февруари, до кога трае преодниот рок во македонскиот фудбал, да го регистрира младинскиот репрезентативец со прв професионален договор.

Се вчитува...