Шкендија пишува историја на европскиот фудбал – Се „руши“ рекордот на ПСЖ!

Новиот македонски шампион, екипата на Шкендија е на добар пат да се запише во историјата на европскиот фудбал! „Црвено-црните“ од Тетово се во трка со рекордот на француски ПСЖ како тим кој со најголема бодовна разлика успеал да стигне до шампионска титула во национално првенство, воопшто во историјата на европскиот фудбал.

Шкендија на две кола до крајот од сезоната, по вчерашниот триумф над Скопје, е со 85 бода, или цели 32 бода повеќе од второпласираниот Вардар. На тетовци им е потребно во последните две кола од првенството само да извојуваат две победи, без разлика на останатите резултати, за да ја зачуваат оваа бодовна предност и да се запишат во историјата на Стариот континент како тим кој стигнал до титулата со најголема бодовна разлика во однос на конкурентите.

Актуелниот рекорд е во сопственост на ПСЖ кој во сезоната 2015/2016 трофејот во Франција го освои со 31 бод предност во однос на второпласираниот Лион. Во таа сезона, ПСЖ на врвот беше со 96 бода, а второпласираниот Лион заврши со 65 бода. Сега Шкендија има можност најмалку со еден бод повеќе да со сруши рекордот на ПСЖ.

Шкендија секако веќе се запиша, во историјата на македонскиот фудбал. Тетовци ќе ја освојат круната со најголема бодовна разлика во 25 сезони на Првата македонска фудбалска лига во независна Македонија. Досега, Вардар го чуваше овој рекорд од сезоната 1992/93 кога до титулата стигна со 21 бод предност во однос на вицешампионот Силекс.

Се вчитува...