Шкендија подготвува голем удар за Вардар: Барсегјан и Новак пред трансфер во шампионот

Актуелниот шампион Шкендија со три бода предност во однос на Вардар ја дочека репрезентативната пауза, но шампионската трка ќе продолжи до крајот на есента на теренот, но и потоа во зимскиот преоден рок. Клубот од Тетово планира да му зададе голем удар на Вардар со купување на двајца квалитетни странци. Напаѓачот Тигран Барсегјан одамна е „пазарен“ за Шкендија, а друштво треба да му прави и дефанзивецот Евгениј Новак. Тоа се желбите на тренерот на Шкендија, Ќатип Османи, кој со овие трансфери сака да оствари двојна добивка, да го засили својот тим, но и да го ослаби главниот конкурент за титулата.

Не е тајна дека во Вардар финансиите се проблем, а Тигран Барсегјан веќе подолг период нема право на настап затоа што не може да добие работна дозвола. Тој беше на чекор до Шкендија и пред почетокот на сезоната, дури падна и договор за негов трансфер, но во последен момент тоа беше одложено, и заминувањето остана нереализирано. Но, сега проблемите се уште поголеми, затоа Барсегјан не може да настапува, а Шкендија сака тоа да го искористи и да го купи квалитетниот Ерменец, кој би бил одлична замена за Бесарт Ибраими, кој мора да замине на операција на лигаментите на коленото.

Османи го посакува и Евгениј Новак како засилување за одбранбената линија. Шкендија е „тенка“ во дефанзивниот дел и оваа сезона e посебно ранлива. Украинецот би бил одлично решение за зацврстување на бедемот пред голот на Костадин Захов.

Се вчитува...