Шкендија не успеа да им се „прикраде“ бодовно на Струга ТЛ и Шкупи откако во 20. коло од Првата македонска фудбалска лига успеа да „прокоцка“ предност и од 2-0 против Гостивар кој со два гола на Кехинде во последните пет минути од средбата дојде до 2-2.
Вардар, пак, конечно избега од дното на табелата откако триумфираше со 2-0 против Брегалница. Сега на последната позиција е Македонија ЃП која убедливо со 3-0 загуби на гостувањето против АП Брера.
На стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, „вардарци“ дојдоа до победата со два гола уште во првите 25 минути од играта. Најпрво од пенал на поранешниот напаѓач на Брегалница, Марјан Алтипармаковски во 21. минута.
Шкендија на неверојатен начин прокоцка предност од 2-0 против Гостивар во полошкото дерби.
Најпрво Шаља постигна феноменалниот гол во 37. минута од 25 метри испраќајќи вистински проектил под гредата од голот на гостите.
Во второто полувреме, по одличната акција по десната страна Шаља во 69. минута само рутински стрелаше од непосредна близина за 2-0.
Сепак, неверојатен финиш реализираше Гостивар кој со два гола од 87. до 91. минута успеа да дојде до 2-2. Кехинде најпрво погоди во 87. минута за 2-1, а потоа од пенал во 91. минута успеа да израмни за конечни 2-2.
Тиквеш му одржа лекција на Работнички победувајќи со 2-0 во извонреден натпревар кој можеше да заврши и со поубедлива победа на домашните.
Кавадарчани до предноста дојдоа во 17. минута со мајсторскиот погодок со глава на Бразилецот Робертињо Нето по корнерот од десната страна.
А, во второто полувреме во 52. минута супер-гол на Кристијан Стојкоски директно од слободен удар од околу 25 метри за водство и победа од 2-0.
АП Брера продолжува со извонредниот старт на пролетниот дел од сезоната. По претходната гостинска победа над Силекс во Кратово, сега струмичани на дуелот кој се одигра во Турново победија со убедливи 3-0 против Македонија ЃП.
Цветаноски во 4. минута, Миловановиќ во 12. минута и Ивковиќ во 43. минута беа стрелци на головите за водство на АП Брера од 3-0.
Ова е првпат сезонава АП Брера да постигне три гола на еден натпревар, и тоа постигнувајќи ги сега само едно полувреме. Последен пат АП Брера постигна три гола на еден меч во Првата лига во март минатата година кога во Кратово одигра 3-3.
На денешните дуели во Првата лига единствено немаше гол на натпреварот во Охрид меѓу Воска спорт и Силекс.
ПРВА ЛИГА – 20. КОЛО
Тетово: ШКЕНДИЈА – ГОСТИВАР 2-2
Шаља 37′, 69′ – Кехинде 87′, 90’+1 (п)
Струмица: АП БРЕРА – МАКЕДОНИЈА ЃП 3-0
Цветаноски 4′, Миловановиќ 12′, Ивковиќ 43′
Кавадарци: ТИКВЕШ – РАБОТНИЧКИ 2-0
Нето 17′, Стојкоски 52′
Охрид: ВОСКА – СИЛЕКС 0-0
Скопје: ВАРДАР – БРЕГАЛНИЦА 2-0
Алтипармаковски 21′(п), Глишиќ 25′
ВЧЕРА
Струга: СТРУГА ТЛ – ШКУПИ 2-2
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА