Шкендија промашува зицери, без голови на полувреме во Луксембург

Шкендија се наоѓа на работ на елиминација од европските купови откако македонскиот првак одигра без голови по првото полувреме на гостувањето во Луксембург против Дуделанж. Тетовци мораат да постигнат два гола откако беа шокирани среде Скопје со 1-2, целосно доминираат на денешниот реванш, но се е попусто кога не успеваат да го најдат патот до мрежата на голманот Кипс.

Првата стопроцентна шанса „црвено-црните“ ја имаат во 9. минута кога топката стигна до Бесарт Ибраими, кој шутира од прво, но наместо мрежата ја затресе само гредата од голот на Дуделанж. Во 15. минута опасен удар од работ на шеснаесетникот испрати Агим Ибраими, но беше за малку непрецизен. Дуделанж единствената шанса ја имаше во 18. минута, кога по едно долго додавање домашниот напаѓач излезе еден на еден со Захов, но голманот на Шкендија успеа да ја сочува мрежата.

Веќе во следната минута можеше да стигне казна, Бесарт Ибраими ја прими топката на гради, но откосо биеше само во надворешниот дел од мрежата. Во 31. минута нова шанса за Шкендија, по корнер од левата страна топката стигна до петерецот, но Радески не се снајде најдобро. Пет минути подоцна – катастрофална грешка на еден домашен дефанзивец, кој го лобуваше голманот на работ од шеснаесетникот. Сепак, чуварот на мрежата на Дуделанж се врати и на самата гол-линија спаси топката да не заврши во мрежата.

Последната шанса во полувремето Шкендија ја имаше во 42. минутаа, кога Агим Ибраими беше проигран во шеснаесетникот, но кога полесен дел од задачата беше да се смести топката во мрежата „десетката“ на тетовци биеше крај дирекот.

Шкендија создава шанси, но ќе мора далеку подобро да ги реализира во преостанатите 45 минути, бидејќи неопходни се два гола за да се обезбеди пласман во следната рунда.

Се вчитува...