Шкендија сака чесно збогум од Европа пред преполната „Телеком арена“

По оние 6-0 од првиот натпревар од „Сан Сиро“ повеќе од јасно е дека само доколку се случи чудо тетовска Шкендија може да се надева на пласман во групната фаза од Лигата на Европа. Но, факт е и дека фудбалерите на тетовскиот клуб сакаат на чесен начин, играјќи за клубот, за себе и своите навивачи да се збогуваат од европската сцена вечерва од 20:45 часот на „Телеком ареата“ во Скопје. Секако, победа против европскиот гигант Милан би бил најдобриот можен начин за заокружување на квалитетното европско лето.

„Сакаме на најдобар можен начин да се претставиме вечерва пред нашите навивачи на ‘Телеком арената’. Знаеме дека играме против европски гигант против кого е неверојатно да се очекува некој поголем успех, но сега сме решени да одиграме добар натпревар со кој чесно би го заокружиле европското лето“ – истакна тренерот на Шкендија, Ќатип Османи.

За дуелот против „миланезите“, Османи поради повреда нема да може да смета на Жуниор, а во составот, и покрај проблемите со повреда, се очекува да биде капитенот Ферхан Хасани…

„Ќе дадеме се од себе да се поправиме за она бледо издание во Милано. Сакаме да им се оддолжиме на навивачите за целокупната поддршка ова лето“ – вели Хасани.

А, тетовци ќе имаат можност вечерва да играат пред преполна „Телеком арена“. Веќе се распродадени билетите за натпреварот. Милан ќе го бодри, пак, мала група навивачи која допатува од Италија.

Се вчитува...