Македонскиот првак Шкендија максимално внимателно му приоѓа на денешниот реванш меч (17 часот) од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите. Има позитива од еден гол (0-1) против Номе Калју и јасна намера да го докрајчи брзо естонскиот шампион на реваншот во Скопје. Тимот на Ќатип Османи го има квалитетот на своја страна, а шефот на стручниот штаб се надева дека нема да биде дозволено никакво изненадување.
„Во фудбалот секогаш се случуваат изненадувања, а во Европа нема слаби противници. Го анализиравме првиот меч, ги согледавме грешките и мислам дека ќе одиграме уште подобро и поефикасно во Скопје. Имаме респект за Номе Калју, но ги знаеме нашите квалитети и веруваме во нов триумф, уште поубедлив од првиот меч во Талин“, вели тренерот Ќатип Османи.
Капитенот Арменд Алими е сигурен дека тимот ќе одигра уште подобро од гостувањето во Естонија.
„Напредуваме во формата, таму ни недостигаше завршното додавање и мислам дека ќе бидеме многу поефикасни на денешниот реванш меч“, истакнува Алими.
Победникот од дуелот меѓу Шкендија и Номе Калју во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите многу веројатно за противник ќе го има шкотскиот првак Селтик, кој има голема предност против Сараево по воведниот прв натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА