Шкендија сака освојување на Битола, за најдобар старт на една наша екипа последниве пет сезони

Со натпреварите од 9. коло викендов се заокружува првиот круг од шампионатот во Првата македонска фудбалска лига.

Лидерот на табелата, екипата на Шкендија ја очекува дерби пресметката против Пелистер во Битола во желбата со нова победа, тетовци да бидат и клубот со најдобар старт во историјата на Првата лига откако последниве пет сезони се игра со десет екипи.

Досега најдобар старт во домашните шампионати има Вардар кој во сезоната 2015/16 по првиот круг имаше седум победи и две ремија. Сега Шкендија е со можност денеска под „Тумбе кафе“ да стигне до осмиот триумф, наспроти само едно реми кое го има досега против Победа пред своите навивачи.

„Нормално, како и на секој натпревар посакуваме победа. Ова е сепак дерби во кое ќе мора да го дадеме максимумот доколку сакаме победа. Пелистер е во одредена резултатска криза, но сепак се работи за квалитетна екипа со одлични поединци“ – вели офанзивецот на Шкендија, Бесарт Ибраими, кој на претходните два дуели за својот тим постигна два гола.

„Секогаш сакам да дојдам до гол, но тоа е најмалку важно. Важно е да продолжиме со одличните изданија и со победите“ – дополнува Ибраими.

ДВОЈКИ – 9. КОЛО

Битола: ПЕЛИСТЕР – ШКЕНДИЈА

Скопје: СКОПЈЕ – РАБОТНИЧКИ

Кратово: СИЛЕКС – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

Тетово: РЕНОВА – ПОБЕДА

УТРЕ

Скопје: ВАРДАР – ШКУПИ

Се вчитува...