Шкендија се спаси и со минимален триумф заминува од Струмица (ВИДЕО)

Со многу проблеми, особено во вториот дел, екипата на Шкендија, сепак, стигна до триумф во Струмица над АП Брера од 2-3. Иако по полувремето имаше предност од 0-2, и се чинеше дека нема начин како Брера да се спаси, сепак, во вториот дел многу повеќе возбудувања и неизвеност. Ндзенгуе намали на 1-2, потоа Шкендија одново се стекна со +2 гола предност, па промашен пенал на Ндзенгуе, и негов втор гол за 2-3, и шанса во финишот да се стигне до „реми“. Меѓутоа АП Брера немаше сили на крајот да дојде до трет гол.

Фитон Адеми во 12. минута ја искористи големата грешка на голманот Илоски и одбраната на домашните, и со глава погоди во празната мрежа. По дадениот гол, целосна доминација на Шкендија, кој дојде до втора шанса преку Спахиу, но одбрани Илоски.

Во 26. минута втор гол во мрежата на Илоски. Ване Крстевски доби топка и од десната страна го матираше Илоски за предност од 0-2.

Во миговите кога се чинеше дека Шкендија ја има контролата врз натпреварот, Ндзенгуе во 54. минута по една добра акција успеа да погоди во голот на Гаје.

Сепак, радоста на домашните траеше само четири минути, откако во 60. минута Шкендија дојде до предност од два гола. Од десната страна акција по која Красниќи доби топка на пет метри и успеа да стрела во мрежата.

Тука не беше крај на возбудувањата. Ндзенгуе во 63. минута не реализираше пенал, Гаје успеа да го одбрани неговиот удар, а истиот играч се извади за промашениот пенал во 70 минута за одново да намали на 2-3. Голот најпрво беше поништен поради офсајд, меѓутоа по ВАР асистенција беше признат.

Поблиску до гол во финишот беше Шкендија, која се закани во 82. минута преку Тамба кој шутираше, но прекрасно интервенираше Илоски и не дозволи мечот да биде решен.

На другата страна во третата минута од судиското надополнување Ндзенгуе имаше супер шанса, меѓутоа не реализираше. Величковски со глава во 94. минута имаше можност, но неговиот обид со глава оди сантиметри крај голот, и тоа беа последните две одлични можности да се дојде до нерешено, и АП Брера да дојде барем до бод.

Се вчитува...