Шкендија се враќа во ’европска’ Струмица, на мегдан со Академија Пандев

Лидерот на табелата во Првата лига, тимот на Шкендија, денеска се враќа на стадионот „Младост“ во Струмица, каде ги играше и најголемиот дел од европските мечеви ова лето, поради зафатеноста на арената „Филип Втори“. Домаќинот Академија Пандев е најпријатното изненадување во досегашниот тек од шампионатот, но избраниците на Ќатип Османи се надеваат дека ќе успеат да стигнат до трите бода.

Клучна ќе биде битката на средината на теренот, а таму еден од адутите на Шкендија е Арменд Алими.

„Не очекува тежок натпревар во Струмица против Академија Пандев. Тоа е тим кој игра одлично во прволигашка конкуренција иако се работи за дебитант во елитата. Сепак, во своите редови имаат искусни фудбалери. Но, ние сме подготвени за предизвикот и одиме да ги освоиме трите бода“, вели Алими.

Академија Пандев на овој меч ќе биде значително ослабена. Проблем за тренерот Панче Стојанов е неиграњето на Љупчо Дориев поради повреда. Сепак, „академците“ се надеваат на успех на домашен терен.

„Иако на хартија Шкендија е фаворит на денешниот натпревар, Академија Пандев има што да каже на овој дуел. Заедно со Вардар сме единствените со максимален ефект на домашен терен, на досегашните четири дуели на стадионот “Младост” освоивме 12 бода, но она што не прави уникатни е фактот што уште никој не ни дал гол пред нашата публика“, порачуваат од таборот на струмичкиот прволигаш.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 12.КОЛО

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА

РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР

ШКУПИ – ПОБЕДА

ПЕЛИСТЕР – СИЛЕКС

РЕНОВА – СКОПЈЕ

Се вчитува...