Шкендија, Шкупи и Ренова во европски поход: Да се освојат Азербејџан и Ерменија

Македонските претставници во Лигата на Европа, Шкендија, Шкупи и Ренова денеска од Источна Европа, Азербејџан и Ерменија, точно од 18 часот го почнуваат својот европски поход.

Шкендија единствено ја носи фаворитската улога на гостувањето против Сумгаит во Азербејџан, иако ќе биде ослабен со неиграњето на Арменд Алими кој поради коронавирус остана во Тетово.

„Шкендија секогаш сака да игра својата офанзивна игра, да го нападне противникот и утре ќе игра идентично, со желба да бидеме подобри од Сумгаит. Го познаваме противникот, знаеме за каков тим се работи, го гледавме нивниот прв меч од шампионатот. Ги знаеме нивните добри и лоши страни, но, сепак, ќе се фокусираме на нашата игра. Шкендија треба да одигра најдобро што умее за да се пласира во следната рунда“ – вели тренерот на Шкендија, Ернест Ѓока.

Шкупи, пак, во Баку го очекува мегдан со Нефчи кој ја носи фаворитската улога пред пресметката.

Тренерот на чаирчани, Мухарем Бајрами по тренингот на тимот уште еднаш ја потенцираше силната желба да се дојде до изненадување, иако Нефчи ја носи фаворитската улога пред пресметката.

„Нефчи е многу сериозен противник, агресивен, динамичен тим кој игра брз фудбал. Јасно е дека е фаворит, но не значи дека сме дојдени во Баку колку само да го одиграме натпреварот, секако моите играчи ќе дадат се од себе на овој натпревар, бидејќи вакви натпревари се играат еднаш годишно. Може да ветиме максимален ангажман во обидот да дојдеме до следната рунда од Лигата на Европа“ – истакна тренерот на Шкупи, Муарем Бајрами на вчерашната прес-конференција пред азербејџанските медиуми.

Ренова го очекува дуелот со ерменски Алашкерт во Ереван. „Гипсарите“ се соочуваат со исклучително тежок противник, но тренерот Бујар Ислами е оптимист пред дуелот на стадионот „Вазген Саргсиан“.

„Максимално сме подготвени за овој натпревар иако не чека тежок противник. Но, добро сме подготвени, мечот го очекуваме без посебен психолошки товар. Нашата цел е да дадеме максимум на овој дуел, подготвени сме и од тактички и од психолошки аспект а тоа верувам дека ќе ни донесе олеснување на теренот“ – коментира Ислами.

Како што е познато, согласно одлуката на УЕФА, во квалификациите од Лигата на Европа ќе се игра само по еден натпревар. Пораз на гостувањата во Азербејџан и во Ерменија за македонските екипи ќе значи и елиминација од натамошните европски натпреварувања.

ЛИГА ЕВРОПА – 1. КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО (18 ч.)
Сумгаит: Сумгаит – ШКЕНДИЈА
Ереван: Алашкерт – РЕНОВА
Баку: Нефчи – ШКУПИ

Се вчитува...