Шкендија славенички од Талин: Триумф за трасирање на патот кон 2. коло во ЛШ (ВИДЕО)

Шкендија без сомнение во голема мера си ја заврши работата на патот кон следната рунда натпревари од квалификациите за Лигата на шампионите откако во првиот натпревар од 1. квалификациско коло славеше против естонскиот шампион Номе Калју во Талин со 0-1. Творец на победата на Шкендија беше Агим Ибраими со гол од пенал во 81. минута од средбата.

Уште од самиот почеток стана јасно дека Шкендија сака да ја потврди фаворитската улога и веќе на првиот меч во Естонија да си го осигура пласман во следната рунда. Тетовци доминираа од самиот почеток, целосно преземајќи ја контролата над средината од теренот. Првата шанса на мечот ја имаше Бесарт Ибраими, кој беше одлично проигран од Агим Ибраими, но неговиот удар од десетина метри беше одбранет од страна на домашниот голман. Номе Калју ретко се селеше во половината на македонскиот првак, а во една таква ситуација тетовци умешно се одбранија по едно опасно нафрлање во нивниот петерец.

Најубавата шанса во првото полувреме ја пропушти Радески, кој шутираше со глава од работ на петерецот, но ја погоди само гредата. Пред крајот на полувремето опасен удар упати и Агим Ибраими, но беше за малку непрецизен.

По само една минута игра во второто полувреме нова шанса за Шкендија, Тотре влезе во шеснаесетникот и одигра повратна топка, Бесарт Ибраими беше фаулиран во обид прв да стигне до неа, но судијата покажа играта да продолжи.Во 52. минута Бесарт Ибраими шутираше под гредата од слободен удар од тресетина метри, но домашниот голман исфрли во корнер.

Нови можности следеа повторно од слободен удар во 61. и во 68. минута од 18 метри, но само сантиметри го делеа Агим Ибраими од погодок за водство на Шкендија.

И конечно погодок следеше во 81. минута со прецизниот удар од белата точка на Агим Ибраими, откако претходно домашниот дефанзивец Авилов играше со рака во својот шеснаесетник.

На, крајот за повеќе од заслужена победа на Шкендија која треба да има само лесна задача на реваншот за пласман во следната рунда натпревари од квалификациите за Лигата на шампионите.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ – КВАЛИФИКАЦИИ (1. коло)

НОМЕ КАЛЈУ (ЕСТ) – ШКЕНДИЈА (МКД) 0-1 (0-0)

Стадион во Кадриорг, Талин. Гледачи: 1.000. Главен судија: Доналд Робертсон (Шкотска). Стрелец: Агим Ибраими 81′(п).

НОМЕ КАЛЈУ: Лондак, Кулиних, Уге, Авилов, Андриј, Региналд, Суботин, Кирс, Мачичев, Лилиу, Паур

ШКЕНДИЈА: Захов, Мици, Мусли, Бејтулаи, Мурати, Алими, Хусмани, Радески, Тотре, А. Ибраими, Б. Ибраими

Тренер: Ќатип Османи

Се вчитува...