Шкендија „смрзна“ во Скопје, Вардар отиде на +9

Вардар има девет бода предност на врвот на табелата во однос на Шкендија, откако актуелниот шампион триумфираше со 0-1 против Ренова во Тетово, а „романтичарите“ го земаа скалпот на тимот на Томас Брдариќ во Скопје, победувајќи со 1-0. Брегалница победи по долго време, а Пелистер и Силекс ремизираа без голови во ’битката за Европа’. Немаше голови ниту во ’битката за опстанок’ меѓу Македонија ЃП и Победа.

blazevski efektno

Вардар успеа да триумфира против Ренова во Тетово. Во меч со малку шанси, Дејан Блажевски погоди на вистинското место во 73.минута, откако десетина минути претходно доби шанса од тренерот Гоце Седлоски.

Работнички заслужено славеше над Шкендија со 1-0 на „Телеком Арена“. Душко Трајчевски во 24.минута успеа да ја затресе мрежата на Марко Јовановски, носејќи водство за „романтичарите“. Три минути претходно, беше досуден пенал за Шкендија, а Бесарт Ибраими го погоди дирекот од голот на Дамјан Шишковски.

IMG_8784

Во продолжение од мечот, Шкендија се обиде да стигне до израмнување, во игра влезе и Ферхан Хасани кој ја надмина повредата на коленото, но, сепак, избраниците на Томас Брдариќ не беа во голгетерски елемент.

IMG_8935

Во Охрид, Пелистер и Силекс ремизираа без голови. „Зелените“ беа без напаѓачот Баже Илијоски и не успеаја да ја затресат мрежата на Митровиќ, кој имаше неколку одлични интервенции. Во првиот дел, Лукас имаше убава можност, а во 55.минута Боби Божиновски излезе сам пред противничкиот голман, но не реализираше.

pelister - sileks vo ohrid 2

Брегалница по подолг период стигна до триумф во прволигашката конкуренција, и тоа убедлив, со 3-0 на домашен терен против Шкупи. Ристе Наумов го отвори резултатот, Горан Здравков од пенал зголеми на 2-0, а серијата голови повторно ја затвори Ристе Наумов во 44.минута.

mkd gp - pobeda 4

Во Ѓорче Петров, исто така 0-0 на дуелот меѓу Македонија ЃП и Победа. „Лавовите“ се обидуваа да стигнат до триумф и да ја намалат разликата во однос на прилепскиот прволигаш во битката за опстанок, но, сепак, мрежите мируваа.

РЕЗУЛТАТИ ПРВА ЛИГА, 25.КОЛО

РЕНОВА – ВАРДАР 0-1

РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА 1-0

ПЕЛИСТЕР – СИЛЕКС 0-0

БРЕГАЛНИЦА – ШКУПИ 3-0

МАКЕДОНИЈА ЃП – ПОБЕДА 0-0

Табела: Вардар 59, Шкендија 50, Работнички 42, Пелистер 37, Силекс 35, Ренова 31, Шкупи 25, Победа 22, Македонија ЃП 17, Брегалница 16.

Се вчитува...