Шкендија против Работнички ја продолжува трката по водечките

Денеска во 15:30 часот на тренинт центарот „Петар Милошевски“, се игра заостанатиот натпевар од 4. коло помеѓу Работнички и Шкендија. Дуелот беше одложен поради настапот на тетовските „црвено-црни“ во плеј-офот во Лигата на Европа, па денеска е терминот кога ќе се комплетира тоа коло.

Шкендија во моментов заостанува пет бодови зад водечките два тима Струга ТЛ и Вардар, и ако сака да ја продолжи трката, ќе мора да бара победа. Од друга страна, пак, Работнички е целосно разочарување во досегашниот тек од првенството, и се бори да го избегне долниот дел на табелата.

„Атмосферата во тимот е добра. Сега ни следува згуснат распоред, и секој натпревар е важен. Одиме на позитивен резултат, а позитивен резултат за Шкендија е победа. Работнички имаше криза на почетокот на првенството, а сега е во нешто подобра форма. Секој клуб кој игра против Шкендија е мотивиран и мораме да дадеме максимум. Ние мораме секој меч да го сфатиме сериозно“, вели фудбалерот на Шкендија, Анес Малиќи.

„Романтичарите“ во пресметката влегуваат по поразот од Вардар во првенството. Досега избраниците на Алпарслан Ердем имаат само една победа и едно „реми“ и со само четири бода се наоѓаат на претпоследното место на табелата.

„Ако одиграме тимски и компактно како првото полувреме против Вардар, можеме да се надеваме на успех. Сите сме свесни дека заслуживме многу повеќе од пораз на претходниот меч, меѓутоа пеналот и црвениот картон на Бесир Демири ни пресудија. Но, тоа е веќе зад нас, затоа што нѐ очекува нов голем предизвик, дуелот против Шкендија. Тие се квалитетен тим, со одлични индивидуалци, но покажаа и дека се ранливи во досегашниот тек од шампионатот. Ќе мора да бидеме речиси совршени, но веруваме дека можеме да стигнеме до успех“, изјави Ермедин Адем.

Се вчитува...