Шкендија стартуваше: Договорени четири тест дуели во Анталија (ФОТО)

Фудбалерите на Шкендија денеска во својата база во Тетово ги почнаа подготовките за пролетниот дел од шампионатот, кои ќе бидат реализирани во три фази.

На денешната прва прозивка на шефот на стручниот штаб, Ќатип Османи недостасуваа Бесарт Ибраими, кој во Хрватска се опоравува по операцијата на лигаментите, како и Бразилецот Жуниор кој ќе се приклучи на 7. јануари. По подолга пауза поради повреда заедно со тимот повторно е Марјан Радески а на првиот тим се приклучи и Бесарт Реџепи.

По првата фаза подготовки во Тетово, тимот ќе одигра и три пријателски натпреари во Македонија пред заминувањето за Анталија кое е закажано за 22. јануари. За време на подготовките во Анталија, веќе се договорени и четири тест дуели против Грасхоперс (24. јануари), против руски Оренбург (28. јануари), против австриски Сент Полтен на 1. февруари и против Грозни од Русија на 4. февруари.

Пролетниот дел од сезоната во македонскиот шампионат почнува на 17. февруари.

Се вчитува...