Шкендија – Вардар…, дерби со сосема поразличен „шмек“ од претходните сезони!

Слично како и минатата сезона, почеток на новиот шампионат во Првата македонска фудбалска лига ќе биде одбележан преку најголемото дерби меѓу Шкендија и Вардар. Денеска од 17 часот во Тетово со дерби пресметката ќе биде означен почетокот на 27-то првенство од најсилната домашна лига по осамостојувањето.

Тетовци стартуваат во одбрана на минатогодишниот трофеј сега и со сериозно наметната фаворитската улога поради комплетната хаотична ситуација во која западна Вардар по најавата за дефинитивното заминување на Сергеј Самсоненко и оставањето клубот да тоне во оваа полусезона во финансиска неизвесност. Токму поради тоа дуелот меѓу Шкендија и Вардар е со еден сосема поразличен „шмек“. Тоа го знаат и во таборот на „вардарци“ кои отворено потенцираат дека Шкендија има сега далеку подобар тим…

„Вардар оваа година има млада екипа, неколку засилувања кои што им треба време да се адаптираат во новата средина, и затоа се уште не сме запознаени меѓу себе. Затоа и се случи тоа што се случи во Европа. Меѓутоа сега се фокусираме кон настапите во шампионатот, и нормално нашата цел е да одиме на првото место. Шкендија е добра екипа, имаат повеќе натпревари од нас после подготовките. Но, одиме подготвени во Тетово да се надигруваме. Јас ќе бидам реален и ќе кажам дека на хартија Шкендија во моментов има поквалитетна екипа од Вардар, меѓутоа добро е познато дека на вакви натпревари одлучуваат инспирација, желба, мотив… Ако јас и моите соиграчи влеземе максимално во мечот, и секој да ги исполни задачите на тренерот Васоски, тогаш можеме да дојдеме до позитивен резултат“ – вели капитенот на Вардар, Горан Попов пред денешниот дерби дуел.

Шкендија се издвојува како прв фаворит за освојување на шампионската круна, оставајќи во од да се види до каде може да бидат шампионските капацитети на Вардар со повторното преземање од страна на Град Скопје во иднина.

Во битката за врвот и сезонава сосема извесно остануваат Шкупи, Работнички и Силекс кои креираа состави за првата квалитативна половина и битка за излез на европската сцена.

ПМФЛ – 1. коло (денеска, 17 ч.)

Тетово: ШКЕНДИЈА – ВАРДАР

Скопје: РАБОТНИЧКИ – РЕНОВА

УТРЕ (17 ч.)

Битола: ПОБЕДА – БЕЛАСИЦА

Турново: АК. ПАНДЕВ – МАКЕДОНИЈА ЃП

Кратово: СИЛЕКС – ШКУПИ

Се вчитува...