Шкендија во Струга го пречекува Силекс, Брегалница во Штип домаќин на стружани

И Шкендија, по завршувањето на своето европско лето, се приклучува на шампионатот во Првата македонска фудбалска лига. Во 2. коло од ПМФЛ денеска од 17 часот Шкендија во Струга ќе го пречека Силекс, кој сезоната ја стартуваше со триумф над Работнички во првото коло.

Шкендија, поради суспензијата на домашниот терен во Тетово, кратовци ќе ги пречека во Струга, во желбата за прва победа сезонава.

По одличното издание и триумфот на стартот од сезоната на гостувањето против Академија Пандев во Струмица, фудбалерите на Брегалница, пак, во Штип ја пречекуваат Струга ТЛ.

Свесни се во таборот на Брегалница дека следи уште еден тежок натпревар, но секој поединец во тимот повторно е подготвен да го даде максимумот во желбата за нов позитивен резултат.

„Секако задоволни сме што сезоната ја почнавме со победа, и тоа на така тешко гостување во Струмица. Но, сето тоа е зад нас, а ние се фокусираме на секој следен натпревар. Добро работевме изминатава недела, анализиран е и противникот и останува само да го дадеме максимумот на терен за да дојдеме до посакуваниот резултат. Знаеме дека секој натпревар во лигата е различен и со своја специфична тежина. Така ќе биде и овој против Струга ТЛ, тим кој во првото коло покажа дека ќе се бори за највисок пласман во лигата. Но, со поддршка од навивачите, која ни е потребна на секој натпревар, верувам дека можеме до ново славје“ – вели офанзивецот Милан Ѓокиќ.

ПРВА ЛИГА – 2. КОЛО (денеска, 17 ч.)
Штип: БРЕГАЛНИЦА – СТРУГА ТЛ
Прилеп: ПОБЕДА – ТИКВЕШ
Струга: ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС
Скопје: РАБОТНИЧКИ – АК. ПАНДЕВ
Слободен е СКОПЈЕ
ВЧЕРА
Скопје: ШКУПИ – МАКЕДОНИЈА ЃП 2-1 (0-0)
Трапановски 67′, Цефас 70′ (Ш) – Скендери 87′ (МЃП)

Се вчитува...