Шкртел: Не ни треба посебна мотивација за Вардар, доволно е што играме за Фенербахче

Дефанзивецот на Фенербахче, Мартин Шрктел смета дека на неговиот тим не му треба некоја посебна мотивација пред утрешниот реванш натпревар со Вардар за место во групите од Лигата на Европа. Доволно е што сите тие играат за Фенербахче, и самото тоа е мотивација…

„Нема потреба за некоја посебна мотивација за мечот со Вардар, затоа што самото тоа да се игра за Фенербахче е за нас мотивација. Веруваме во нашите квалитети, знаеме дека сме подобар тим и сето тоа ќе треба да го докажеме на теренот. Не смееме да ги повториме грешките од првиот натпревар во Скопје. Знаеме дека нема да биде лесен натпревар, но исто така знаеме дека ако одиграме како што умееме на крајот ќе се радуваме“ – истакна Шкртел на прес-конференцијата во Истанбул.

Свое видување за тоа што љубителите на фудбалот ги очекува утре даде и тренерот на Фенербахче, Ајкут Кочаман.

„Ќе се обидеме да се извадиме пред нашите навивачи за лошиот резултат од првиот меч кој не претставува реална слика на тоа што случуваше на терен. Не смееме да повторуваме индивидуални грешки, мора да дадеме 100% од себе и резултатот нема да изостане“ – вели Кочаман.

Од Фенербахче информираат дека комплетно е распродаден капацитетот на стадионот во Истанбул, па турскиот тим го очекува максимална поддршка од трибините.

Во Истанбул патуваат и околу 300 „Комити“ кои ќе го бодрат македонскиот шампион. Натпреварот меѓу Фенербахче и Вардар почнува од 19:30 часот.

Се вчитува...