Шкупи без Илијоски до крајот на 2018 година

Проблемите со повредите во таборот на Шкупи продолжуваат, откако Баже Илијоски го обнови стариот проблем со коленото и ќе мора да отсуствува уште извесно време од фудбалските терени. Одличниот голгетер беше многу близу до камбек на терените, но на петочниот тренинг ја обновил повредата што го мачеше изминатиот период.

Како што информираат од Шкупи, лекарскиот тим утврдил дека не станува збор за тешка повреда за која е неопходна операција. Сепак, Илијоски ќе мора целосно да мирува најмалку 20 дена, по што ќе почне со лесни тренинзи. Ова практично значи дека Баже Илијоски нема да може да му помогне на својот клуб до крајот на оваа полусезона, која ќе заврши во првата половина од декември.

Баже Илијоски минатата сезона постигна 13 погодоци во дресот на Шкупи. Во негово отсуство чаирскиот клуб сезонава се соочува со огромни проблеми, па по 13 одиграни кола се наоѓа на претпоследното место на табелата со 12 освоени бода.

Се вчитува...