Шкупи го сопре Вардар, Шкендија ја декласира Ренова

Шкендија ја растури Ренова со 6-1 во Тетово и „ќари“ многу во 15.коло од Првата фудбалска лига. Вардар и Академија Пандев ремизираа со идентични 1-1 против Шкупи, односно Струга Трим Лум, па тетовци се доближија до првите две екипи на табелата. Сега Шкендија има седум бода помалку од Вардар и три бода негатива во однос на Академија Пандев.

Шкендија го декласира градскиот ривал Ренова со 6-1. Тимот на Ернест Ѓока одигра одлично во офанзивата, а поведе веќе во петтата минута со голот на Омар Имери. Мурати нафрли од десната страна, а тој реализираше од непосредна близина. На почетокот на второто полувреме, Арменд Алими и Бесарт Ибраими за четири минути го решија победникот зголемувајќи на 3-0. До крајот, Агим Ибраими погоди од пенал, а во листата на стрелците се запиша и повратникот во клубот, Самир Фазли. Во 85.минута Ремзифаик Селмани го постигна почесниот гол за Ренова, а Енур Тотре се погрижи за „седум плус“ во Тетово.

Вардар поведе на арената „Тодор Проески“ со голот на Реис Жуниор во 15.минута. Имаше шанси и за зголемување на водството, но не успеаја „црвено-црните“ да постигнат втор гол, а Диак донесе израмнување. Во 72.минута, тој одлично шутираше со волеј – удар од 18 метри и го совлада Филип Гачевски.

Академија Пандев во финишот загуби два бода против Струга Трим Лум играјќи 1-1. Стрелец на водечкиот погодок за струмичани беше Марко Рајковиќ во 68.минута. Влезе во игра неколку моменти претходно и успеа да го отвори резултатот. Но, Струга Трим Лум во судиското продолжение со голот на Дејан Цветановски стигна до реми.

Борец и Силекс ремизираа без голови во Велес, а вчера во премиерниот меч од 15.коло, Македонија ЃП го совлада Работнички со 2-0.

ПРВА ЛИГА, 15.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ВАРДАР – ШКУПИ 1-1

ШКЕНДИЈА – РЕНОВА 6-1

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – СТРУГА ТРИМ ЛУМ 1-1

БОРЕЦ – СИЛЕКС 0-0

ВЧЕРА: МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ 2-0

Табела: Вардар 31, Академија Пандев 27, Шкендија 24, Силекс 22, Македонија ЃП 21, Шкупи 19, Струга ТЛ 19, Борец 16, Ренова 15, Работнички 11.

Се вчитува...