Шкупи не се плаши од ерменски предизвик: Пјуник не е баук

Шкупи го очекува ерменски предизвик на стартот од квалификациите во Лигата на Европа. Денеска од 15:30 часот во Ереван чаирчани го играат првиот натпревар од 1. квалификациско коло против Пјуник, кој ја носи фаворитската улога но не е пречка која не може да се прескокне. Тоа добро го знаат и во составот на Умит Каран.

„Изминатава сезона напорно работевме за да дојдеме до овој момент и настапот во Европа. Затоа не сакаме така лесно да се откажеме и од можноста што подолго да бидеме на европската сцена. Навистина имам тим со силен карактер, срце и талент и верувам дека тоа ќе го покажат и на денешниот меч. Знаеме дека Пјуник е квалитетен тим. Можеби тие претходно беа подобри од Вардар и некои други екипи од Македонија, но доколку одиграме како тим, како што знаеме и умееме верувам во позитивен резултат од Ереван“ – вели Каран.

Капитенот Муарем Бајрами верува дека патникот за следната рунда натпревари ќе биде одлучен на реваншот во Скопје, а сега целта е да се извлече поволен резултат од Ереван.

„Работевме одлично на подготовките. Не очекува прилично организиран противник, но добро го анализиравме и ги знаеме и нивните слаби страни кои ќе се обидеме да ги искористиме за да бидеме севкупен победник во овие два натпревари. Се жртвувавме низ целото првенство минатата сезона токму затоа што со нетрпение го очекувавме овој момент. Затоа ќе дадеме се од себе да дојдеме до позитивен резултат“ – рече Бајрами.

Се вчитува...