Шкупи сака бодови за Европа: Се надеваат дека од Пелистер нема да лежат на терен!

Шкупи денеска на Чаир од 16:30 часот го пречекува Пелистер во заостанатиот натпревар од 26. коло во Првата македонска фудбалска лига. Последна шанса и за двете екипи, Шкупи за приклучок во битката за Европа а за Пелистер за опстанокот.

Во таборот на Шкупи се убедени дека ќе стигнат до триумфот против „пелистерци“, очекувајќи, како што вели офанзивецот Баже Илијоски, дека нема да се повтори сценариото од дуелот со Силекс кога кратовци главно „чувајќи време постојано лежеле на терен во интерес на резултатот“.

„Знаеме дека ќе биде тежок натпревар. Од искуство знам дека овие натпревари против екипи кои се борат за опстанок секогаш се тешки. Верувам дека противникот ќе направи се да ја умртви играта, да нема фудбал. За Пелистер ова е можеби и последната шанса за опстанок во Првата лига. Но, и ние немаме право на грешка ако сакаме да стигнеме до третото или четвртото место на табелата кои може да носат во Европа“ – вели Илијоски и дополнува:

„Поквалитетен тим сме, и мислам дека брзо ќе ја решиме задачата околу победникот на мечот но само ако не се повтори сценарието од дуелот со Силекс кога се дозволуваше противничките фудбалери едноставно со постојани прекини да го уништат фудбал. Сега верувам дека судиите нема да го дозволат тоа и ќе ја забрзаат играта. Жал ми е што не дојдовме до победата против Скопје. Со тој триумф сигурен сум дека 90% ќе бевме во Европа. А, сега не зависи само од нас. Дури и ако победиме на сите четири натпревари до крајот, сепак ќе зависи сега и од другите екипи кои се борат за европски излез“.

Standings provided by Sofascore LiveScore

Се вчитува...