Шлаканица од Словенците на седум дена до стартот на ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија доживеа пораз од Словенија (33-28) во претпоследниот подготвителен натпревар пресрет Европското првенство. Иако игравме без капитенот Кирил Лазаров, Словенците ги покажаа нашите маани. Слабата игра во транзиција и неуспешното сопирање на брзиот центар на Словенците беше главен проблем на нашите ракометари, особено во првото полувреме во кое примивме деветнаесет гола.

Натпреварот почна со израмнета игра од двете страни. Се играше гол за гол, се до 18. минута кога Словенците успеаја да стигнат до плус четири (11-7), по кои селекторот Данило Брестовац мораше да интервенира со тајм-аут. Паузата не вроди со плод, бидејќи нашите ракометари и понатаму грешеа и му дозволуваа на противникот лесни погодоци по кои во 26. минута стигнаа и до плус седум 15-8, разлика која ја одржуваа до крајот на првите 30. минути (19-12).

На стартот на вториот дел Словенците дојдоа и до плус осум 22-14. До крајот на натпреварот единствено нешто што успеаја да направат црвено-жолтите е неколку пати да стигнат до минус пет, негатива со која и заврши натпреварот 33-28.

Се вчитува...