Шмајхел бранеше се, Поулсен ги казни промашувањата на Перу

Репрезентацијата на Перу апсолутно незаслужено го загуби својот премиерен меч на овој мундијал, со минимални 0-1 против Данска во натпревар во кој јужноамериканската репрезентација целосно доминираше, промаши пенал и уште пет-шест шанси, но се беше попусто кога не успеа да го совлада одличниот Каспер Шмајхел.

Уште од самиот почеток стана јасно дека Перу ќе биде селекцијата што ќе го диктира темпото откако овој состав доминираше на теренот и опасно се закани уште во првите петнаесетина минути. По неколкуте убави шанси во првиот дел, најубавата дојде кон крајот на полувремето, кога судијата со помош на ВАР-технологијата покажа на белата точка. Куева, над кого беше направен пеналот, ја презеде одговорноста, но потоа од единаесет метри неочекувано биеше високо над голот.

Куева имаше одлична акција на стартот од второто полувреме, но перуанските офанзивни фудбалери уште еднаш се сплеткаа и не успеаја да го отворат резултатот. Тоа на спротивната страна му појде од нога на Јусуф Поулсен, кој на асистенција на Ериксен одлично избегна офсајд и рутински ја смести топката во мрежата.

Тоа само уште повеќе ги налути Перуанците, во игра влезе и капитенот Гереро, оваа репрезентација создаде уште четири-пет одлични ситуации во противничкиот шеснаесетник, но Шмајхел денеска беше несовладлив и им донесе огромни три бода на Данците.

Перу во второто коло ќе се сретне со Франција, меч на кој не смее да си дозволи пораз, додека Данска за противник ќе ја има селекцијата на Австралија.

Се вчитува...