Шок и за Бразил, Швајцарците не дозволија „самба“ среде Русија

Четвртиот ден од мундијалот во Русија заврши со уште едно големо изненадување, откако Бразил не успеа да стигне до цел плен на дуелот против Швајцарија. Улогата на суперфаворит не беше оправдана на теренот, иако имаа повеќе од поседот на топката изостана онаа нивна препознатлива „фудбалска самба“. Една од причините сигурно е и бледото издание на Нејмар, кој во првото полувреме целосно беше исфрлен од ритам од Бехрами, па не го даде својот вообичаен придонес во играта на „кариоките“.

А мечот почна одлично за Бразилците, најпрвин Паулињо промаши зицер од пет метри, за Филипе Кутињо во 20. минута со еврогол да го донесе фаворитот во предност. При резултат 1-0 убави шанси по корнерите на Нејмар имаа Хесус и Тијаго Силва, но двајцата биеја непрецизно со глава. Казната стигна на почетокот од второто полувреме, и тоа по корнер на Швајцарија, кога Стивен Зубер се најде на неколку метри пред бразилскиот гол, со мало туркање се избори за простор крај Миранда и со глава биеше прецизно под гредата.

Бразилците тргнаа фуриозно во последните петнаесетина минути, по влегувањето на Фирмино на местото на индиспонираниот Хесус, но токму голгетерот на Ливерпул ги пропушти двете најубави шанси за постигнување на победнички погодок.

„Кариоките“ на својата прва победа ќе мора да почекаат до наредниот дуел против Костарика, додека Швајцарија во второто коло ќе ги одмери силите со Србија.

Се вчитува...